Тела на три неидентификувани жени биле пронајдени во куќа на периферијата на американскиот град Кливленд, а полицијата уапси едно лице за кое постојат сомнежи дека ги извршило убиствата
Уапсениот е 35-годишниот Мајкл Медисон, кој претходно веќе е осудуван поради обиди за силување во 2001 година и се наоѓа на листата на сексуални злоставувачи. Тој денеска првпат ќе биде изведен пред суд.
Сите жртви се Афроамериканки и се претпоставува дека се убиени во последните десетина дена. Првото тело е откриено откако од една напуштена куќа почнала да се чувствува многу непријатна миризба.
Телото било завиткано во пластична кеса за отпадоци и се наоѓало во гаража. Полицијата подоцна пронашла уште две тела, едното во подрумот, а другото во дворот на куќата.
Соседите на Медисон изјавиле дека тој бил забележан како им приоѓа на жени на улица и се обидува да воспостави контакт со нив, но се уште не е познато дали на тој начин дошол до своите жртви.