Во 16 часот, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, закажа седница на распуштеното собрание, по решението на Уставниот суд за утврдување на уставноста на одлуката за распуштање на парламентот.
„Како претседател на Собранието на Република Македонија, имајќи го предвид решението на Уставниот суд, У.бр.104/16 од 18 мај 2016 година, ја информирам македонската јавност дека врз основа на сопствените надлежности дефинирани со Уставот на државата, за денес, 18 мај 2016 година во 16 часот ја закажав 101 седница на Собранието на Република Македонија“, пишува Вељаноски.
Тој го изрази и неговото длабоко уверување дека натамошниот развој на демократските процеси во Република Македонија најдобро може да се оствари во Парламентот на Македонија заради што ги повика сите пратеници независно од политичката определба да земат свое активно учество.
„Истовремено, го изразувам и своето силно уверување дека единствено преку постојано надоградување на меѓусебните односи помеѓу сите релевантни чинители во државата, на најдобар можен начин ќе се помогне во насока на остварување на носечките македонски стратешки приоритети какви што несомнено се, членството во НАТО и ЕУ, унапредувањето на стратешките односи со САД, како и создавањето на сите неопходни претпоставки за економски, социјален и сеопшт развој на Македонија“, додава Вељаноски.
Собранието се распушти на 6-ти април врз основа на изменетата одлука што ја изгласаа пратениците на 23 февруари, со цел предвремените парламентарни избори да се одржат на 5 јуни, на кои пак, се пријави за учество само една партија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ.










