Генералниот секретаријат на Владата ќе потроши 468.000 евра за нова кампања, со која, има за цел да ја подигне свеста на граѓаните за рационална употреба на лекови. Владата за реализација на кампањата склучила три договори со маркетинг агенции, кои утрово беа објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки, јавува Фокус.
Во текот на изминатите години Владата потроши десетици милиони евра за слични медиумски кампањи со кои го „учеше“ граѓаните како да се хранат, како да бидат добри домаќини, да читаат книги, да градат соживот, итн.
Владата за реализација на кампањата склучила договори со три маркетинг агенции, кои ќе бидат задолжени во рок од шест месеци да изработат идејни решенија, обезбедат медиа закуп и спроведат ПР стратегија за промоција на кампањата јавува marketing365.mk.
Тендерите ги добија маркетинг агенциите:
„Маркет Висион“, која ќе треба да испорача идејно решение на лого и банери, идејно решение и изработка на радио спотови, идејно решение и изработка на принт огласи,адаптација за надворешно рекламирање (мегалајти, билборди и автобуси) , адаптација за внатрешно рекламирање (лифтови, влезови и сл.), како и осмислување и реализација на ПР стратегија за промоција на кампањата, во вредност од 125.552 евра,
„Омега комуникејшн“, задолжена за: подготвување и реализација на медиа план, закуп на медиумски простор за електронски и печатени медиуми и внатрешно и надворешно рекламирање, во вредност од 236.000 евра ; и агенцијата
„Аквариус дизајн“, која треба да подготви идејно решение и изработка на ТВ спотови, и од колачот ќе добие 106.545 евра.