ВО СЛУЧАЈ ДА МЕ СТРЕФИ НЕШТО: Писмо од мајка што ќе ве расплаче, но и насмее


Писмото што блогерката Сандра Тодоровиќ им го напишала на своите деца полека станува голем хит во регионот. Сандра им остава детални инструкции и совети на своите деца за во случај, не дај боже, да ја стрефи нешто.

Ги пишувам овие редови за во случај не дај боже да ме дрмне некој скап автомобил додека преминувам улица на зелено, или да ме посети оној Германец Алцхајмер, па да заборавам кои сте и чии сте.

nova-godina-novogodisnje-odluke-pismo-1328585176-93939Би сакала, пред сè, од срце да ви се извинам што ве родив тука, а не на некое подобро место. За жал, верував дека ќе дојдат подобри времиња, но не дојдоа. Тие колективни надежи се ужасна работа, но пак некако те одржуваат во живот и ти даваат енергија да преживееш до утре. Секогаш помислувам: ма и не е толку страшно, се има за леб и за гориво, сметките ќе ги платам кога ќе имам, можат само да ми го запленат оној посвоен џукац и да ми угасат Интернет.

Ве учев да бидете чесни луѓе, да се почитувате себеси и другите. Да помогнете кога треба и да бидете благородни. Пари не позајмувајте никому и од никого. „Долгот не е пријател“. Пријателите едноставно ќе останат, ќе се просеат од толпата луѓе што ќе се мотаат околу вас во животот. Оние што ќе останат, тие ќе ви бидат како свесно избрано семејство, што со роднините го немате како опција. А ако сте барем малку на мене, луѓето ќе ве сакаат, најдете им се и во добро и во зло. Роднините почитувајте колку што ве почитуваат тие. Не им купувајте бесмислени подароци за свадби, не дај боже некое ќебе. Секогаш давајте пари во убав плик и потпишете се. По тоа ќе ве запамтат и нема да ве озборуваат.

За љубовта би можела да напишам есеј, ама нема. Ќе ја препознаете кога ќе дојде време за тоа, а кога кому ќе се случи, тоа е веќе дискутабилно. Кога ми се случи мене, мислев дека сопственото срце ќе го исповраќам од убавина. Тврдам дека многу пати ќе ви се причини дека нешто е љубов, а нема да биде, туку тоа е само опиеност што со време поминува како тежок мамурлак. Избирајте слични на себе и нема да погрешите. Во оваа земја во која со тешки маки ве отхранив нема никаков ред ни поредок. Се навикнуваш на тоа со време и ти станува нормално. Бидете успешни во она што ќе изберете да го работите, можеби некој авион ќе биде наречен по вас, или некој брз воз кога ќе го измислат кај нас.

Не чекајте ништо!

Го доживеав бомбардирањето на Белград, ја памтам војната во Босна, бегалците, хиперинфлацијата, санкциите, сиромаштијата… Тука децата умираат пред очите на оние што можат да им помогнат, а не сакаат. Храна купувавме на улица, гориво од шише кока кола исто на улица. Цигари купувавме од пазувите на Ромките околу пазарот. Страшни времиња беа тоа, но сепак подобри од ова сега. За таа храна од улица имавме пари, за оваа сега во продавниците едвај. Народот ни е гладен и бесен. Дискретен по прашањето за својата беспомошност, молчи во своите јами и чека… Што чека тој народ, тоа никој досега го нема утврдено. Не чекајте ништо! Бегајте од тука на првата шанса! Нема тука ништо. Ни пиво по десет навечер. Ни планови подолги од прекутре. Културата сега веќе е на испуштање душа, а кога вие ќе пораснете, веројатно наместо Народен музеј ќе има хипермаркет или паркинг.

Бидете толерантни кон оние што се поинакви од вас. Ако некој има друга боја на кожа или сексуална ориентација, не значи дека е лош, само поинаков од вас. Не може сите да бидеме отштанцани. Свеста за екологијата ви ја развивав од мали нозе. Чувајте ја својата околина, посадете нешто, исчистете зад себе. Верувам дека и вас како и мене ќе ве нервираат оние што не го прават тоа. Научете ги. Сакајте го и почитувајте го секое живо суштество во природата. Крзно никогаш не сум носела, но не затоа што сум немала пари, туку зашто некако не ми беше фер. Тука испочитувајте ме. Слушајте исклучиво добра музика… се знае што е добра музика.

Сине, биди внимателен со жените, почитувај ги, никогаш немој да бидеш насилник, тоа секогаш се враќа со инстант карма и те стрефува кога најмалку се надеваш. Плати вечера, купи цвеќе, ќе го добиеш она што го сакаш веќе на првиот дејт. Секогаш користи кондом и нема да се секираш. Свири некој инструмент, жените го сакаат тоа. Патувај. Биди самостоен, сам зготви си го оброкот, испеглај кошула, поправи нешто по куќа. Ако седнеш на мотор, во гроб ќе се превртувам како прасе на ражен. Заработи си мерцедес, биди господин човек. Реставрирај го оној убавиот креденец на баба ти, греота е да пропадне. Панталоните носи ги малку спуштени над чевлите и вади ги чорапите кога ебеш. Не прави будала од себе. Кога пиеш, не мешај пијачки… никогаш! Знам што зборувам. Не се тепај, умот царува… те учев на тоа. Дрогата е зло. Коцкањето исто така. Марихуаната не е дрога. Највисоката човечка доблест е умереноста во сè, ако го постигнеш тоа, значи дека си успеал. Научи барем два светски јазици. Заврши факултет. Верувам во тебе дека ќе смислиш нешто што ќе го промени светот, или барем мал дел од него. Кога жена ќе те праша дали сум дебела, кажи ѝ ја вистината. Ако ти каже дека сè е во ред, ништо не е во ред, верувај ми.

Ве молам…

На ќерките имам да им кажам неколку важни работи за една жена. Обидете се да учите од туѓите искуства. Знам дека нема да ме послушате и дека ќе одите со глава низ ѕид како мене, но должност ми е да ве предупредам. Пред да се омажите, завршете факултет. Ако некој од неговото семејство ве праша што сè знаете и умеете, кажете: ништо! Сè што ќе направите по таа изјава ќе биде проследено со аплауз. Јас тука згрешив. Не ги бричете нозете во петто одделение!

Не ги фарбајте тие руси коси во црно, ве преколнувам! Бидете женствени до степенот до кој ви е на вас пријатно. Не ставајте силиконски цицки. Хулахопките не се облекуваат како панталони, ќе ги искинете. На чорапи ќе трошите богатство. Убавината боли. Кадравата коса е убава, не ја исправувајте. Веѓите секогаш се различни, колку и да се обидувате да ги искубете исто. Ставањето ајлајнер е вештина. Совладајте ја. Ако мислите дека цела ноќ ќе џускате во чевли на штикла, нема ништо од тоа. Рамни чевли во гепекот од колата да имате, секогаш. Виклерите не се намотуваат нанадвор.

Во диети и апчиња за слабеење да не верувате, тоа се глупости. Мрдни го газот, ќе ослабиш. Мажите се едноставни. Не замарај, не прогонувај, биди мистериозна и занесна и ќе бидеш најсакана. Не го земај во рака неговиот телефон, не му копај по џебови. Не плачи по мажи, не вреди. Не биди кучка, тоа никој не го сака, ПМС-от не е изговор. Научи да готвиш. Љубовта доаѓа преку стомакот. Никогаш, никогаш немојте да престанете да се занимавате со уметност. Таа нека ви биде ѕвезда-водилка. Мене ме однесе таму каде што требаше. Во мармаладот секогаш ставајте малку ванила. Ајварот е поубав во мали тегли и не се расипува. Ако пресолите супа, ставете внатре две тапи да се варат пет минути и решен проблем.

На таванот имате еден сандак што ви го наменив на вас. Во него има плочи, касети, цедеа, ВХС-и, флопи дискови, видеорикордер и цеде-плеер. Најдете на Интернет што е што. Во една ќеса има фурка и вретено од баба ми, и за тоа најдете на Интернет што е. Оние смешни чевли ги оставив за да видите колку кретенска беше модата во осумдесеттите. Сребрениот балски фустан е од баба ви. Облечете го барем еднаш во животот, јас го облеков. Има таму и едно блокче со автограми што ги собирав, џамлии од моето детство и некои кристални чаши. Графиките и сликите поделете ги рамноправно, како на кој му се допаѓа нешто. Ако нешто заборавив, не ми замерајте. Тешко е сите мудрости да се сумираат во неколку илјади збора. Ве молам немојте да ми правите некој кретенски споменик во облик на мерцедес кога ќе умрам, за тоа се шегував. Нешто дискретно, може и некое камчиште од Дунав, опуштено.

И да. Оној вентил за вода на плацот се завртува на спротивната страна.

Бескрајно ве сакам, мама.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1