Војната на иднината веќе почна


Во период на сериски сајбер-напади, особено по последните карикатури на исламскиот пророк Мухамед, Центарот за анализа на одбранбената компјутерска борба (КАЛИД), чуварот на компјутерските системи на француската армија, е на борбена нога зад дискретната фасада на една зграда во Париз, пишува француски „Л Парисион“Tema_1[29]

Седнат пред ѕид од екрани, сајбер-војник во маскирна униформа внимателно ги следи информациите. Одеднаш на еден од компјутерите се издвојува во црвено натпис „SUSPICIOUS“ (сомнително).
– Пресретнавме сигнал на една интернет-страница, еден корисник се обидува да влезе во облачниот сервер – вели еден подофицер.

Тој заедно со уште триесетина воени лица ги следи нонстоп мрежите на Министерството за одбрана, чекајќи напад од страна на некој хакер.
– Треба да пресретнеме нестандардна активност во мрежата, значителен сообраќај на пораки. За целта располагаме со „сензори“ на влезовите кон нашите мрежи, кон нашиот компјутер – објаснува сајбер-војникот, кој претпочита да остане анонимен.

А невидливи непријатели не недостигаат. На 6 јануари интернет-страницата на Министерството беше пробиена од групата „Анонимус“. Во последните денови армијата беше цел на десетина сајбер-напади насочени особено кон одделни полкови. На 12 јануари хакери, кои тврдат дека се претставници на организацијата Исламска држава, за кратко ја презедоа контролата над корисничките сметки на Твитер и Јутјуб на американската воена команда на Блискиот Исток (Сентком).
– Луѓето на Даеш (кратенка за Исламската држава на арапски) имаат пари, врбуваат компјутерски специјалисти. Може да им недостигаат разузнавачки мрежи за нивните цели, но се способни доста брзо да блокираат интернет-страници. Ова се само безопасни гестови. Но во војната за имиџ може да претставува интерес – забележува вицеадмиралот Арно Кутие, кој одговара за сајбер-одбраната во Генералштабот на вооружените сили.

Затоа, пак, џихадистите, според него, немаат ресурси да водат големи напади. КАЛИД, исто така, ги следи сајбер-нападите, кои можат да парализираат системи или да украдат информации за ресурсите или целите на вооружените сили. За целта службата испраќа екипи во местата на операциите.
Покрај нападите на интернет-страници, дежурен кошмар на генералштабовите е ракети да бидат запрени во лет, беспилотни летала да бидат пробиени, воени бродови да бидат далечински пренасочени среде воена интервенција.

Во Африка француската антиџихадска операција „Бархан“ беше цел на обид за сајбер-напад, веруваат од Министерството за одбрана.
– Ова може да се случи преку компјутер и телефон – велат извори од заводот.
Џејмс Бонд одамна има следбеници. При израелскиот напад против наводен сириски нуклеарен објект во 2007 година дигитален напад го заблуди непријателскиот радар со сменета радарска слика. Во аферата „Стакснет“ компјутерскиот вирус шпионира и репрограмира индустриски автомати, напаѓа ирански нуклеарни центрифуги, за кои се сомнева дека збогатуваат ураниум за воени цели.

Системите се меѓусебно поврзани, што ги прави уште поранливи. На еден брод навигацијата, погонот, борбените системи и комуникации се интегрирани. Ако нема воздржаност, наскоро ќе биде можно да се блокира еден брод на отворено море или да му се попречи да води борбени дејства.
Зад КАЛИД десетици истражувачи од Генералниот директорат за вооружување (ГДВ) работат за да бидат чекор напред во оваа сајбер-војна на иднината.
– Се ставаме на местото на напаѓачот и гледаме какви напади можеме да извршиме против сопствените системи на оружје, за да видиме дали заканите се реални – вели Фредерик Вале, шеф на одделот за безбедност на информациските системи во ГДВ.

Поради зголемената закана Франција доби буџет за сајбер-одбрана од една милијарда евра за периодот 2014-2019 година. КАЛИД треба да „порасне“ двојно во следните пет години и да назначи 400 експерти.
Според овој показател, Франција останува далеку по САД, Кина и Израел и е на споредливо ниво со Велика Британија или Русија, вели Министерството за одбрана.
– Идејата е да достигнеме доволно ниво на безбедност. Апсолутна сигурност нема. Треба да знаеме да дејствуваме превентивно, да воведуваме адаптирани нивоа на заштита и да сме способни да реагираме во случај на напад – резимира Вале.

Nova Makedonija

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1