Закана и обид за цензура: новинарите реагираат на предупредувањето од Обвинителството


Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осуди „заканите за кривичен прогон на новинарите“ упатени од Обвинителството доколку објавуваат материјали што може да станат предмет на кривична постапка.

„Ваквото однесување на обвинителството е бесмислено зашто тоа дрско бара да се укине улогата на медиумите како коректив на властите во едно демократско општество. Со ваквите закани кон новинарите Обвинителството ги загрозува уставните права и слободи на новинарите и граѓаните. Го потсетуваме Обвинителството дека македонскиот Устав е многу јасен. Тој во членот 16 забранува цензура“, нагласи ЗНМ.CENZURA

И Македонскиот институт за медиуми (МИМ) соопшти дека повикот на Обвинителството е обид за воведување експлицитна цензура во медиумите и во јавноста и придонесува за дополнително нарушување на слободата на медиумите и изразувањето.

„Го потсетуваме Јавното обвинителство, но и другите државни и јавни институции и другите јавни чинители, дека слободата на изразувањето и информирањето спаѓа во основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признаени во меѓународното право и утврдени со нашиот Устав. Тие се гарантирани и наведени како први меѓу темелните вредности на кои почива нашиот правен поредок (член 8 од Уставот на РМ)“, се вели во соопштението на МИМ.

Од МИМ наведуваат и дека во членот 16 на Уставот експлицитно се забранува цензурата, а освен тоа, овие слободи и права се гарантирани и со Европската конвенција за човекови права, која во Македонија има третман на задолжителна легислатива.

Согласно со Кодексот на новинарите на Македонија, вели МИМ, новинарот е должен да ја објави секоја информација што е од општествен интерес, а секоја забрана и повик за необјавување информации од јавен интерес ќе претставува брутално кршење на слободата на изразување, но и кршење на правниот поредок на РМ.

И Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) ги повика новинарите да не го запостават јавниот интерес во известувањето за случајот „Пуч“ и ги потсети дека тие не се одговорни за начинот на кој нивните извори ги добиле податоците, вклучувајќи ги и податоците што произлегуваат од неовластено следење на комуникациите.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1