Вкупно 119 педофили во Македонија се ставени во регистарот, кој на посебна Интернет страница од лани го објавува Министерството за труд и социјална политика. Кога во мај минатата година беше направен регистарот на педофили, имаше 68 осудени лица.
На Интернет се ставени фотографиите, имињата и презимињата на сите лица што во земјава се осудени за кривичните дела сексуална злоупотреба на деца и педофилија. Јавни се и адресите на кои живеат педофилите, датумот на нивното раѓање, како и кривичното дело за кое се осудени. Освен педофилите, во регистарот се објавени и макроите, лица што снимаат и дистрибуираат детска порнографија, како и оние што се осудени за трговија со деца.
Од вкупниот број осудени педофили, 9 веќе ја отслужиле казната затвор, но тие се должни до крајот на нивниот живот, еднаш годишно, 5 дена пред нивниот роденден, да се пријавуваат кај надлежниот судски орган во местото во кое живеат или престојуваат. Тие, задолжително, ќе треба да пријават и доколку го сменат местото на живеење.
Педофилите може да побараат да бидат симнати од регистарот, под услов да не го повторат делото во период од 10 години по истекот на казната за која биле осудени. Одлука за тоа ќе донесе судот, по претходно мислење од центарот за социјална работа
Во Законот за регистар, на педофилите им се забранува да се врткаат околу детски градинки, училишта, детски паркови, детски игралишта, игротеки, а граѓаните се должни да ги пријават во полиција доколку ги забележат.
Сите случаи на сексуална злоупотреба на деца може да се пријават на СОС телефонот 15 505.
Извор – Вест