Тројца млади се повредени во пресметка со ножеви што синоќа се случувала во двор на детска градинка во Куманово. Најтешко минал 17 – годишник, кој со тешки повреди е пренесен на скопските клиники.
17 годишно момче од Куманово со неколку убодни рани во градниот кош и вратот се уште се бори за живот во скопскиот Ургентен центар откако синоќа бил нападнат со нож во дворот на детската градинка во близина на спортската сала. Со повреди во пределот на грбот и главата се здобил и неговиот 15 годишен другар, а со исекотина на раката завршил и еден од напаѓачите, инаку двајца браќа од Куманово.„Второто дете исто така со неколку убодни рани по телото е задржано кај нас, стабилно е, активно се движи, нема опасност по живот, а третото дете после укажаната помош е пуштено на домашно лекување“ изјави Методија Димковски началник на Хирургија во Општа болница Куманово.
Караницата помеѓу двете групи младинци за кратко време прераснала во крвава пресметка.
„Лицата М.М. ( 18 ) и Р.М. (15 ) по кратка вербална расправија поради девојка, физички го нападнале 17 годишниот Х.П. “, изјави Валентина Николовска началник на СВР Куманово.
Напаѓачите самите се предале во полицијата, но не откриле каде го фрлиле ножот. Со кривична пријава за убиство во обид се спроведени во кумановскиот основен суд. За ова дело, според законот се предвидува казна од 10 години до доживотен затвор.









