Собраниската прес служба на вчерашните снимки на кои се гледа како собраниското обезбедување со сила ги изнесува новинарите видела дека немало никаква употреба на сила и дека новинарите биле замолени да излезат.
Новинарите не беа со сила изнесени од собраниската галерија туку беа замолени да ја напуштат и да отидат во прес центарот – наредба немало од спикерот Велјановски, велат оттаму. Да се испразни галеријата било одлука на собраниското обезбедување.
Седниците на собранието се јавни. Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Дополнително во член 43 од законот за собрание се вели дека лицата од службата за одржување на редот без одобрение на претседателот на собранието неможат да преземаат мерки спрема пратениците и спрема други граѓани, во случајов новинарите.
Одговорност од надлежните кои наложија и ја извршија наредбата новинарите да бидат отстранети од собраниската галерија ќе бараат и од ЗНМ. Утре ќе бидат поднесени претставки до сите надлежни служби – внатрешната контрола на МВР, претседателот на собранието Велјановски и до народниот правобранител.
Инциденотот со новинарите остро е осуден и од Хелсиншкиот комитет за човекови права.









