Телата на четворицата мртви изгореле до непрепознатливост и се уште не е утврдено дали се возрасни или деца, јавува агенцијата СТА.
Клиничкиот центар во Љубљана соопштил дека примени е 21 лице, болницата во Ново место потврди за 5, а болницата во Цељ и Јесеница јавиле дека тами има згрижено по една жртва.
РТВ Словенија извести дека од 21 хоспитализиран во клиничкиот центар, 10 биле реанимирани, а осум лица и понатаму се во животна опасност. Сите жртви се на интензивна нега, а за време на несреќата се здобиле со изгореници и скршени коски.
Медиумите шпекулираат дека меѓу повредените има и деца. Според нивните извештаи во несреќата близу градчето Иг, 10 километри од Љубљана, учествувале два балони кои вчера утрото околу пет часот заедно полетале, но околу осум изненадно ги зафатила олуја при што едниот балон успеал безбедно да се приземји, додека другиот се запалил и удрил во дрво.
Поголем дел од патниците излегле од корпата во очајнички обид да се спасат од пламените јазици.
– Несреќата се случи за време на слетувањето, кога налетавме на препрека, можеби стебло, по што пукна вентилот и гасот почна да истекува. Тогаш дојде до прегревање на балонот, кој потоа се запали – раскажува еден од патниците за тамошните медиуми.
Радио Словенија извести дека во балонот за време на експлозијата имало шест деца, а се верува дека меѓу патниците има и странци.
Полицијата, која го пребарувала теренот со помош на хеликоптер и кучиња трагачи, ја завршила истрагата откако ги нашла и последните три лица кои недостигале.
За сега не се знае причината за падот на балонот, но словенските медиуми наведуваат деќа балонот паднал поради изненадна олуја на подрачјето на Љубљана.
– За време на несреќата беснееше олуја. Балоните се обидуваа да се приземјат, но не успеаа поради турбуленцијата. Тогаш едниот балон се запали, раскажува еден очевидец.
Во Словенија панорамските летови со балон се многу популарни за домашните и странски туристи, а се користат и за прослава на родендени. До сега не се случила никаква несреќа.
Балонот кој падна е најголемиот во регионот, вели стручњакот за балони Том Миклоушич, пишува „Јутарни лист“.
Според неговите зборови, ваквите балони се користат за туристички излети во Африка.