Над 70 лица загинаа во пожарите во Атина – Македонија понуди помош


Портокалово небо и огнена земја – многумина го побарале спасот во морето, но пожарите што ја зафатија Атика беа кобни за најмалку 74 луѓе.

Најголемиот шок пожарникарите ги дочекал во селото Мати кај Атина – јагленосани тела на мажи, жени и деца, прегрнати во неколку групи, биле најдени само 15 метри од морето, во двор на таверна. Други биле во нивните домови или во автомобилите во обид да се спасат од пеколот.

Тие што не изгореле, или се задушиле од чадот или се удавиле во морето. Се трага по 10 туристи кои побегнале од пожарот со брод.

-Истрагата за пронаоѓање на исчезнатите ја води група од 130 луѓе од армијата и противпожарната единица кои патролираат пеш во областите Вуца, Мати и Рафина, соопшти портпаролката на грчката противпожарна служба, Ставрула Малири, на прес конференцијата одржана попладнево во Атина и додаде дека добиле десетици повици за исчезнати лица.

-До овој момент во болниците во Атика, згрижени се 156 возрасни лица, од кои 11 се во сериозна состојба и се поврзани на апарати и 16 деца чии животи не се во опасност. Во овој момент, за жал бројот на жртвите е 50 лица. Противпожарната служба, во соработка со полицијата продолжува со тешката задача на евиденцијата и информирањето ќе биде континуирано. Од друга страна, бродови на крајбрежната служба и нуркачки единици, ја проверуваат областа за пронаоѓање на можни заглавени, додека до овој момент, извлечени се вкупно 715 луѓе, главно од областа Мати, изјави портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос.

Премиерот Ципрас прогласи тридневна национална жалост и во телевизиското обраќање рече дека не постојат зборови што ќе ги опишат чувствата на сите и дека земјата живее неопислива трагедија.

-Грција жали и во сеќавање на оние што загинаа, прогласуваме тридневна национална жалост. Но, не треба да дозволиме жалоста да не освои, затоа што овие часови, се часови на борба, обединетост, храброст и пред се солидарност, затоа што само така, само сите заедно, можеме да застанеме пред трагедијата, рече Ципрас.

Ципрас лично се обврза дека никој нема да биде заборавен и никој нема да остане без помош од државата, но и ништо нема да остане неодговорено. Знамето на грчкиот парламент е на половина копје, а претседателот Павлопулос ја откажа свеченоста за 44-годишнината од обновувањето на демократијата во Грција.

Обвинителката на грчкиот врховен суд Ксени Димитриу нареди истрага. Грчките медиуми јавуваат дека со американски дронови се трага по неколкучлена банда, осомничена дека потпалила повеќе истовремени пожари за да ограбува напуштени домови.

Преку механизмот на ЕУ, на Грција помош и понудија Кипар, Шпанија и САД. Грчкото МНР и се заблагодари и на Владата на Македонија која уште вчера понуди помош и е во постојан контакт со тамошните власти. „Изразуваме искрена благодарност до министерот за надворешни на Турција, Мевлут Чавушоглу и на ПЈРМ Никола Димитров за нивната брза реакција да понудат воздушни средства за гасење на смртоносните пожари во Атика“, се вели во соопштението од Атина. Од македонското МНР досега немаат барања за помош од македонски граѓани и им препорачуваат да избегнуваат патувања во регионите во областа на Атика.

Грција можеби беше само врвот на топлотниот бран што ја зафати северната хемисфера, а Гардијан анализира дека причината не се само климатските промени. Над површината на земјата, од запад кон исток дуваат силни ветрови од 8 до 11 километри и управуваат со временските прилики ширум светот и тие во моментов се послаби, што носи мирни денови и топло време. Друг фактор се промените на температурата на северниот Атлантик, појава што се случила и во 70-тите, но денес е засилена поради загадувањето. Научниците предупредуваат дека топлотните бранови ќе стануваат почести и полоши како што расте емисијата на штетни гасови, а проблемот нема да се задржи само на копното.

Затоа ова лето во Северна Америка, на Артикот, Северна Европа и Африка беа регистрирани рекордни температури. Во Шведска горат шуми во арктичкиот појас, а метеролошката станица во Алжир во Сахара регистрира температура од 51,3 степени, највисока во историјата на Африка. Во Јапонија бројот на починати се искачи над 30 по денови со температури над 40 степени, а владата прогласи природна катастрофа. Можеби најголемото влијание беше почувствувано во Канада каде што 18 денови беа над 30 степени, а мртовечницата во Монтреал не може да се справи со бројот на починати поради жештините. Во Британија се стопи покривот на Научниот центар во Глазгов, а во Калифорнија има недостаток од електрична енергија поради потребата за разладување со клима уреди.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1