Универзален полнач на мобилни телефони од утре ќе им биде на располагање на сите минувачи на плоштадот Македонија. Ова е бесплатна услуга бидејќи овој полнач својата енергија ја црпи директно од Сонцето.
Соларниот апарат кој функционира со помош на фотонапонски панели ќе биде поставен во непосредна близина на споменикот на Јустинијан Први. За жал ова е еден од ретките случаи на користење на обновливите извори на енергија, со оглед на фактот што земјава нуди речиси неограничени можности за тоа. Компаративно просечното сончево зрачење во Македонија е за околу 30 насто повисоко во однос на повеќето европски земји, кои и тоа како ги користат благодетите што природата бесплатно им ги дава.