Жените од Палестина излегоа на протест под мотото „Стоп за насилство над жените“, барајќи подобра заштита за малтретираните жени, откако маж си ја уби сопругата на сред пазар, оти му побарала развод.
Ненси Забоун, 27-годишна мајка на три деца во понеделникот беше жртва на нејзиниот сопруг. Откако му побарала развод на мажот, по десет години психичко и физичко малретирање, тој извадил нож и ја заклал. Забоун е убиена на првиот ден од бракоразворната парница кога од судот си одела кон домот. Сопругот на Ненси Забоун бил уапсен на самото место на злосторството.
Бруталното убиство на жената која е жртва на семејно насилство и тоа пред очите на јавноста, на пазар, сред бел ден во Витлеем, предизвика бурни реакции против палестинската полиција и судовите кои го игнорираат насилството.
Малтретирањето на жените многу често се занемарува од палестинските власти како и во многу други земји од арапскиот свет, а активистите за правата на жените тврдат дека мажите кои ги злоставуваат своите сопруги многу ретко се казнувани.
Шади Абдалах толку често ја тепал Ненси и таа многупати била хоспитализирана, изјави Каула ал-Азрак, директорка за советувалиште за малтретирани жени на Западниот Брег.
Абдалах е поранешен полицаец, никогаш не бил апсен поради тоа што ја тепал жена си, туку само потпишувал изјава дека веќе нема да го прави тоа.
Жените во Палестина во последните неколку години успееја да добијат поголеми права во традиционалното палестинско општество, но племенските закони се и натаму на сила и полицијата не смета дека треба да се меша и да интервенира кога станува збор за семејни расправии.
Азрак смета дека насилството над жените и натаму расте поради слабата еконоска состојба и поради фактот што злосторниците не се плашат од казните кои се и онака минимални. Таа бара најстрога казна за мажот на Ненси затоа што како што вели „ таа беше заклана како јагне на сред пазар“.
Минатата година, палестинскиот претседател Махуд Абас издаде декрет со кој и беше ставено крај на долгогодишната пракса на благи казни кога се работи за семејно насилство.
Сепак, поголемиот дел од мажите во Паледтина и ден-денес сметаат дека жената не смее да ги остави сопругот, затоа што тоа за нив е огромен срам за него.
Минатата година 11 жени беа жртви на своите сопрузи, а само во седум месеци од оваа година дури 12 жени настрадале од раката на некој член од фамилијата.