ПАЛМА ДЕ МАЈОРКА – ВРБА ДЕ ПРЕТОРКА – Претор се заборава


Една од домашните туристички дестинации кои секогаш ни се на дофат на рака, а се поретко навратуваме, е преспанското туристичко место Претор.

Летото господово 2012, изминува, и полека полека секој од нас ги средува впечатоците. Каде бил, што видел, како си поминал, каде сака да оди… По навика, најчесто сакаме да патуваме што подалеку, според онаа народната- што подалеку, тоа подобро, иако не секогаш е така.

Една од домашните туристички дестинации кои секогаш ни се на дофат на рака, а се поретко навратуваме, е преспанското туристичко место Претор.

Туристите во Претор, седнати под длабоките сенки на прекрасните врби, бараат споредба и рима и често велат, Палма де Мајорка – врба де Преторка!

Откако се повлече езерото, нема преполни камп приколки, викендици и преполни хотели. Се што некогаш беше атрактивно за уживање во Претор, сега е препуштено на тивко пропаѓање. Ги нема седумте ноќни музики- почнувајќи од музиката во хотелот Претор, па во летната бавча, студентското (најпознатата музика), феријалното…преполното ПТТ одморалиште каде на терасата се пиеше кафе со мерак. Ја нема свадбата на Трајче од Подмочани и калиопа од Долно Дупени, која се правеше како „циркуз без пари“ при секоја смена на сезоната, со сватови качени на трактор, со тапани и труби.

Тоа го нема повеќе.

Но, дали Претор заслужува да биде заобиколен? Тоа е веќе неправда.

Ова прекрасно туристичко место, составено од селото (во горниот дел), туристичката населба (крај езерото долу) и населбата со вили, на ридот кон Сливница, се уште има убавина. И се уште има душа.

Последниве години покрај езерото направени се неколку модерни кафанчиња, кои ќе ве натераат да се чувствувате како на некоја екслузивна морска светска дестинација.

И во сите нив доминира белата боја- вистинска рапсодија во бело.

Само што ќе влезете во Претор од десна страна е модерната кафеана и клуб “Егзотик“, сопственост на младиот Горан Котевски од Данска и брат му, кои живее во Шведска и води ресторан таму.

Преубав амбиент, смирувачка глетка и богато мени.

Веднаш под нив е Пица бар, познато како „Кај газда Шпетим“, каде секогаш е преполно и сите уживаат во прекрасниот амбиент, скутерите, лежалките, нишалките, убавата музика, капењето, многу вкусната храна, топлиот амбиент, модерниот дизај и пристојните цени.

Трето крајезерско рестораче е „Галакси“, кое сите го нарекуваат – Кај Руме, по секогаш насмеаната газдарица Руме, која едноставно плени со својот ведар дух. Таа, со сопругот Ѓорги и двата синови со персоналот се грижат за прекрасната услуга и вкусната храна. Тие, за разлика од двете претходно спомнати кафанчиња, работат преку цела година. И тие живееле во странство и знаат што се европски манири во угостителствотот.

Претор е рај за одмор на душата. Воздухот и тишината, чиниш те прочистуваат од корен.

И за крај, откако ќе го прошетате сево ова набројаното ви останува уште кафеаната „Рајска градина“, на почеток на населбата со вили, која работи три децении, а е позната по мајсторски подготвениот крап, мир, тишина и убавата цветна градина.

Низ „центарот“ на претор по некоја тезга овде – онде, со дребулии и летна облека, зеленчук и овошје, расфрлан смет и ѓубре, и главниот проблем за Претор и цела Преспа- немањето редовен превоз.

-Ние како да сме немале и како да немаме градоначалници. Пропаѓа туризмот, пропаѓаат ваквите убави капацитети, ваквата природна убавина, никој ништо не презема. А нема ни редовен превоз, како некогаш. Зарем не заслужуваме да живнеме, и општината да се договори со превозниците за линии на секој час, за туристите да се размрдаат низ Преспа, да дојдат, да оживее местото- и ова, како и секое претходно лето, се прашуваат мештаните.

Share Button

Tags: , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1