Пет компании во трката за набавка на 150 полициски возила


Министерството за внатрешни работи јавно ги отвори понудите по повторениот оглас за доделување на договор за јавна набавка на 150 полициски моторни возила во полициска изведба. Заинтересираност покажаа пет компании кои по распишувањето на јавната набавка ја подигнаа тендерската документација. Постапката ја спроведуваше Комисија за јавни набавки определена со Одлука на Министерот за внатрешни работи, а се реализира преку електронскиот систем за јавни набавки.

Во вториот круг во трката за „колачот“ се пријавија:

„Порше Македонија“ ДООЕЛ со модел Шкода Јети амбишн 2.0 ТДИ

„Аутомотив Груп“ ДООЕЛ со модел Ренаулт Колеос Динамик 2.0 ДЦИ

„Аутомакедонија АД“ со модел Опел Инсигниа НБ 2.0 ЦДТИ седан

„Ка- Дис  ДООЕЛ“ со модел САЕТ Алтеа Фритрек ТДИ 2.0 4WD

„Делукс – Ауто ДООЕЛ“ Куманово со модел Фолксваген Тигуан Трак едн Стил 2.0 ТДИ

Висината на доставените понуди се движи од 237 до 299,5 милиони денари. Наредниов период ќе следи сериозна анализа на понудите и нивна евалуација, односно оценување дали истите во целост ги исполнуваат условите предвидени во тендерската документација.

Доколку тоа се потврди, заинтересираните ќе бидат известени за терминот на јавното наддавање, бидејќи единствен критериум по кој ќе се одбере новото возило на македонската полиција ќе биде понудената цена.

Во крајната цена треба да биде вкалкулиран вкупниот трошок, односно сумата која ја вклучува и специфичната опрема која е точно дефинирана и подразбира држачи за радиостаници и друга опрема, носачи за ротациски светла, соодветна надворешна боја (полициски ознаки) и други елементи.

Во тендерската спецификација предвидено е возилата да бидат со дизел мотор  со зафатнина  1900 – 2300 ццм и моќност од 110 до 140 KW. Начинот за плаќање на возилата е предвидено да биде на 36 месечни рати. Станува збор за купување на возила, а не лизинг, така што со потпишување на договорот и испораката на возилата, сопственик на возилата ќе биде МВР. Со набавката на возилата треба да се обнови возниот парк на МВР во делот на означените полициски возила.

Tags: , ,

Александар Петрески

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1