Свечено отворање на 52-то издание на Фестивалот “Охридско лето“


Со театарскиот ораториум „Ромео и Јулија“, музичко-сценски спектакл во чија реализација ќе бидат вклучени повеќе од двеста македонски и интернационални уметници од сите жанрови, вечерва на Античкиот театар во Охрид ќе биде подигната завесата на 52-то по ред издание на фестивалот „Охридско лето“, најголемата музичко-сценска манифестација во земјата.

Актери, музичари, балетски уметници, оперски пејачи и диви, дизајнери, ќе настапат на големата сцена, обединети во намерата да ја продолжат традицијата на дарување убавина, што како премиса во себе го носи брендот „Охридско лето“.

“Очекувам фантастично свечено отворање на „Охридско лето“, со претставата Ромео и Јулија, во режија на Дејан Пројковски. Нашиот актер Дејан Лилиќ и руската актерка Евгенија Игумнова, како Ромео и Јулија ќе не пренесат од Охрид во светот на волшебноста и преку свеченото отворање во светот на бајките, убавините, уметноста, свет што 40 дена ќе ги привлекува вљубениците во уметноста“, рече селекторот на драмската програма на “Охридско лето“, актерот Ѓорѓи Јолевски.

“Исчекувањето на претставата носи многу голем немир“, изјави главната протагонистка на вечерашната поставка, Евгенија Игумнова. Таа рече дека во текот на нејзините 15 настапи на “Охридско лето“; отсекогаш сметала дека на сцената на Античкиот театар треба да се одигра барем една трагедија, нешто толку големо како овој проект.

“Ова е мошне голем настан во мојот живот, нешто што можеше и да не се случи и да остане само мечта, еден мој сон…“додаде таа. Дејан Лилиќ, кој ја толкува носечката улога на Ромео, за вечерашниот настан истакна дека се работи за проект каков што досега не се има случено во Македонија. “Да се биде Ромео во 2012 година или 21 век е да се дава љубов неизмерно многу и на тој начлин и го работевме проектот,со многу жртвување, внесување“, рече Лилиќ најавувајќи спектакл што ќе биде продукт насекаде низ светот, не само во овие простори туку многу подалеку.

Во текот на 40-те фестивалски денови се до 20 август, низ сцените на Долни Сарај, Античкиот театар, црквата Света Софија и нејзиното предворје, но и во Заливот на коските ќе продефилираат голем број уметници, со девет театарски претстави од кои пет премиери и две праизведби, како и огромен број звучни имиња од самиот крем на светската музичка елита. Вљубениците во драмската уметност во Охрид ќе можат уште да ги одгледаат и “Питачката опера“ на Вацлав Хавел во изведба на Албанскиот театар од Скопје, “Почетокот на народите“ од Јордан Плевнеш на Драмскиот театар од Скопје, “Крвава свадба“ на Јулија Паскал во изведба на лондонскиот „Театар Паскал компани“ и бокачовиот “Декамерон“ во изведба на Македонскиот народен театар и на Театарот за деца и младинци од Скопје. Дел од драмската програма ќе биде и сензацијата на македонската театарска сезона 2011/2012, претставата “Хенри Шести“ на Шекспир во изведба на Народниот театар од Битола што ја претставуваше Македонија на театарската олимпијада во Лондон, во Шекспировиот театар “Глоуб“.

Стогодишнината од смртта на генијалниот Август Стринберг ќе биде одбележана со неговата “Госпоѓица Јулија“, во изведба на театарот “Интима“ од Стокхолм под раководство на најпознатата шведска театарска дама, актерката и режисерката Ана Петерсон. На програмата се уште и “Антигона“ од Софокле во изведба на Театарот од Истанбул, авторската поставката “Копија“ Јанез Јанша од Словенечкиот театар на движење и претставата „Човекот тупаница“ во изведба на “Театарот 199“ од Софија.

Изборот на музичкиот дел од програмата и ова издание е направен согласно концептот за вклучување што поголем број врвни уметнички имиња кои досега не настапиле на „Охридско лето“, а кои се атракција на светската сцена и за чии настапи се бара билет повеќе. Музичка програма со разновидни жанрови и стилови, со акцент на виртуозите кои само го потврдуваат високото реноме на фестивалот изградено низ годините и уште придонесуваат за негова натамошна афирмација. Покрај класичните концерти и рецитали, и оваа година нема да изостанат и настаните наменети за пошироката публика, преку актрактивни концерти, ексклузивни настани предвидени за изведба пред поголем аудиториум каков што нуди сцената на Античкиот театар.

Во фокусот на интересот оваа година е гостувањето на еден од најпознатите и највозбудливи уметници на денешната џез-сцена, доминиканскиот пијанист Мишел Камило, чиј концерт е закажан за 16 јули. Роденденот на фестивалот, 4 август ќе биде прославен со настапот на една од најголемите светски атракции, словенечкиот вокален состав “Перпетум Џезиле“ кој на Антички ќе изведува избор од поп, џез, госпел, боса-нова, диско и фанк композиции. Во музичкиот дел од фестивалот се предвидени настапи на светски познати вируози на пијаното како рускиот пијанист Андреј Коробејников, французинот Седрик Тибергјен, кипарско-францускиот пијанист Сиприен Кацарис, младиот и афирмиран албански пијанист Замир Кабо.

Програмата виолинисти ја сочинуват неколку исклучителни имиња како рускиот виртуоз Борис Бровцин, младиот албански виолинист Ермир Арбеши, како и познатите инспиративни настапи на руските виолинисти Илја Гринголтс и Никита Борисо-Глебски.

Вреди да се спомене и настапот на италијанското дуо Хармоника-гитара Џампаоло Бандини и ЧезареКјакјарета, квартетот „Ардео“, што ќе настапи со чешкиот пијанист Јан Симон. Македонскиот дел од програмата ќе ја сочинуваат настапите на Македонската филхармонија под диригентско водство на Штефан Фраас од Германија и рускиот пијанист Андреј Гугнин како солист. На 26 јули на програмата е концерт со дела на македонски автори со настап на познати македонски музичари, на кој ќе бидат одбележани неколку јубилеи на домашните композитори како Стефан Гајдов, Љубомир Бранѓолица, Илија Пејовски, Благој Цанев, Сотир Голабовски, Јана Андреевска и Димитрије Бужаровски. Тука вреди да се спомене и концертот на младиот пијанист Дино Имери, концертот на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, како и настапот на мешаниот хор “Св. Климент Охридски“.

Tags: , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1