Осомничените се уапсени во акција на Второто одделение на белградската полиција, интервентната единица и обвинителството.
Стеван Богданич е осомничен дека е организатор на оваа група која оперирала на територијата на Србија и други земји од поранешна Југославија, како и во некои од земјите од ЕУ.
Оваа криминална група е осомничена дека од Босна и Херцеговина криумчарела експлозив и правела експлозивни направи кои потоа го продолжувале шверцерскиот пат. Осомничени се и дека на територијата на Косово и Метохија преки Нов Пазар, шверцувале марихуана за нарко пазарот во Белград.
За време на акцијата биле одземени 12 експлозивни направи, 5,5 килограми експлозив, пет рачни бомби, две тромблонски мини, три пиштоли со пригушувач, автоматска пушка, 28 килограми марихуана и пет килограми кокаин, поголема количина муниција, барут и оптика за снајпер.
Обвинителството им одреди триесет дневен притвор откако во текот на изминатиот ден бил извршен распит со сите уапсени и истите биле сослушани.
Обвинителството против нив покрена кривична пријава поради основано сомневање дека извршиле кривични дела и здружување поради кривични дела, недозволено производство, држење и продажба на опојни дроги.