АМАН ги повикува граѓаните на 6тиот протест против поскапувањата, кој како и секој вторник досега ќе започне во 18 часот, на традиционалното место во строгиот центар на Скопје, меѓу портата, зградата на ЕВН и канцелариите на Регулаторната комисија.
Соопштение на АМАН и повик за 6тиот протест против поскапувањата (вторник, 18.09.2012, 18 часот, пред Порта Македонија)
Граѓанската иницијатива АМАН повеќе од месец дена протестира во Скопје и поголемите населени места низ Републикава против константното зголемување на цените на горивата, струјата, парното. И тоа ќе го прави се додека не се исполнат нашите барања кои се општопознати и прифатени, но еве ќе ја искористиме приликата, повторно да ги потенцираме:
- Да се укине ставката ангажирања моќност од 33%
- Да се врати евтина дневна тарифа
- Да се врати цената на струјата на ниво од 2008 година.
- Да се запре со приватизација или докапитализација на целиот енергетски сектор кој е во сопственост на Република Македонија
- Да се инвестира во одржливи извори на енергија (соларна и геотермална енергија, енергија на ветер и др.)
- Итно да се повлече новиот правилник на Топлификација
- Да се врати цената на парното на ниво од 2008 година.
- Да се намалат цените на горивата во согласност со стандардот на живеење.
Што се однесува до протестот на граѓаните од иницијативата ИЗГОР – Приватизација, се согласуваме дека една од причините за поскапувањето на струјата е приватизацијата на ЕВН и ги повикуваме, бидејќи приватизациите во енергетскиот сектор резултираат со поскапувања на струјата, да ни се придружат во нашето спротивставување на докапитализацијата (која фактички е делумна приватизација) на ЕЛЕМ. Сакаме да го нагласиме и тоа дека, покрај приватизацијата на ЕВН, штетни беа и сите други приватизации на стратешките ресурси од минатото. Политичките гарнитури се менуваа на власт, и иако ги имаа и ги имаат сите инструменти за да спречат и казнат злоупотреби и крчмење на она што го граделе граѓаните со децении, тие не го правеа и не го прават тоа.
Би сакале, на крајот, да ги предупредиме формалните политички структури и од власта и од опозицијата да престанат со обидите да не инструментализираат, а наместо тоа, да се фатат за работа и да ја подобрат живеачката на луѓето. Ако се надминат себеси и успеат во тоа, ќе го снема и стравот од АМАН кој ги тера на сè попроѕирни игри, граѓаните ќе немаат воопшто потреба од вакви иницијативи, а тие од формални ќе станат повторно вистински претставници на граѓаните. Дотогаш, граѓаните повеќе нема да отстапуваат, туку се погласно и поодлучно ќе го демонстрираат нивниот суверенитет. За почеток, секој вторник во 18 часот, се до реализација на нашите барања.