СЕЌАВАЊЕ – Продолжи Тоше да пееш, на небото, придружуван од ангелите


16 октомври 2007 – утро – прав пат како пушка, на места малку магловит, 6 часот и 30 минути, се разденува – почнува да се раѓа новиот ден. Последен ден за една од најголемите балкански ѕвезди. Последен ден за човекот коj сите не потсети како е да се биде ЧОВЕК.

 – 08 часот – СМС порака од новинарката Анита Делаш од Нова ТВ.

,, Изгледа погинуо Тоше, није потврџено ,, – добро значи не е потврдено, сигурно е уште една патка.

Повик во 8 часот и 30 минути

,, Јеси ли будна? Јел седиш? Погинуо Тоше – екипа наша је веч кренула,, Јел чујеш истина је – потврџено у полицији. Саобрачајка – погинуо,,

Првите вести гласеа вака:

,, Околу 6 часот и 30 минути на автопатот А3, 170 километри источно од Загреб кај Нова Градишка. Засега според првичните информации Тоше, неговата менаџерка Лилјана и Ѓорѓе Ѓорѓески-возач, биле во „Фолксваген Туарег“ со македонски регистарски таблички. Возачот Ѓорѓески заспал додека возел и така, наводно, удрил во камион кој се движел пред нив. Тоше бил совозач и наводно спиел, на место загинал. Менаџерката Лилјана и возачот се во тешка состојба и се наоѓаат во болницата во Нова Градишка“.

Во редакцијата МОЛК додека одат снимките од местото на несреќата – смачканиот џип .

Со снимателот Дејан Божиновски – заминуваме за Загреб. Последното испраќање на Тоше. За Нова Градишка заминавме со воениот хеликоптер кој требаше да го врати телото на Тоше дома. Заминавме без план, без обезбеден превоз бидејќи хеликоптерот се враќаше само со Тоше и неколкучлена делегација, без хотел, без јакни, па позајмувавме – сето тоа говори во каков шок бевме ние, а и цела Македонија.

Летаме над Нова Градишка – црна темница. одеднаш светла точка – местото каде хеликоптерот треба да слета. Стадионот во Нова градишка осветлен – од илјадници запалени свеќи кои ги држеа луѓето кои дошле да го испратат Тоше за последен пат.

Хеликоптерот слета на стадионот. Траорна тишина, а стадионот преполн. Дури и новинарите кои известуваа  шепотеа.

Ковчегот со телото на Тоше – прекриен со македонско знаме се внесува во хеликоптерот, последното патување на нашата ѕвезда. Околу него пријателите на Тоше од Хрватска кои веднаш допатувале во Нова Градишка кога чуле за несреќата. Тука беше и неговата менаџерка Љиљана, на која и се слоши па веднаш беше пренесена во болница.

Се запалија моторите на хеликоптерот – Тоше замина дома.

Загина на само 26 години. Но ни остави аманет – нè научи на чистота, на скромност, на хуманост, на искреност.

За Тоше е зборувано многу, но сепак за него најмногу говорат неговите песни. Ангелски глас, големо срце – премалку време имаше на земјата 🙁

Продолжи Тоше да пееш, на небото, придружуван од ангелите.

Твоите дела, твоите песни, твојата хуманост, човечност, едноставност ТЕ НАПРAВИЈА БЕСМРТЕН !!!!! Почивај во мир  🙁

Анита Петровска

ЗА ТОШЕ !

Тодор „Тоше“ Проески (25 јануари 1981 – 16 октомври 2007)

Една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена.
Музичката кариера ја започнува со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победува изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998). Има блиска соработка со голем број на влијателни балкански и светски музичари и композитори.

Негов заштитен знак е познатиот израз Ве сакам сите.

Загина на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно е прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на Национална Жалост.

Ова е видео со последното интервју на Тоше снимено само ден пред да не напушти засекогаш.


Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик.

Во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на “Макфест” со композицијата “Пушти ме”.

Тоше работи со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која ќе му донесе два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издава својот деби-албум “Некаде во ноќта” кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.

Втор албум “Синот Божји” кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како “Немир” (дует со Каролина Гочева), “Во коси да ти спијам”, “Излажи ме уште еднаш”, како и “Илузија” и “Тајно моја”, две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот “Сунчане скале” во Херцег Нови, Црна Гора).

Српската продукциска куќа “BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродани концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

Ѕвездена слава
Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум “Ако ме погледнеш во очи” на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот “Беовизија” со песната “Чија си” која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.

Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој е в својата кариера е и учител на Лучијано Павароти.

Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција, избрана е песната Ангел си ти. Во април Тоше го издава албумот “Ден за нас”, двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија.

Следниот месец, Тоше го освојува 14тото место со песната “Life”, англиската верзија на “Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу репортерите, преку демонстрација на неговите инзворенди оперски квалитети на прес-конференциите.

Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија – This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима “Krajnje Vreme” со словенската пејачка Ања Рупел.

Во 2005, неговиот петти албум “По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот – неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ списоци во овие земји.

Неговиот следен албум – Божилак – е компилација на 14 избрани македонски народни песни пропратени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и Игри без граници – неговиот последен албум.

Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе – Има ли ден за нас?, Слушаш ли?, Малечка и Полско цвеќе. Во 2004, Проески ја компонира и Муза – голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.

Концерт во Белградска Арена


Нa 14 февруари 2007 година, Тоше одржа спектакуларен концерт во српската престолнина – Белград. На неговиот концерт присуствуваа помеѓу 15 и 20 илјади луѓе од сите генерации.

Концертот се одржа во Белградската Арена, најубавата сала за концертни, културни и спортски активности на Балканот.

Го започна концертот со песната Пратим те (македонска верзија По тебе), а потоа се изнаредија сите негови хитови од српската фаза на неговата кариера, со исклучок на Тајно моја, која публиката на течен македонски ја испеа хорски, од прв до последен збор.

“Ова е најсреќен ден во мојот живот. Првпат ми се случува концертот кој уште да не е почнат, јас се плашам дека ќе заврши” – рече Тоше по неколку испеани песни.

Победа на Хрватски радиски фестивал
Најпопуларниот македонски пејач Тоше Проески, го продолжи искачувањето кон врвот на балканската музичка сцена со победата на Хрватски радиски фестивал на 9 јуни 2007 година. Тој со песната Veži me za sebe, сосема заслужено освои Гран при во категоријата поп рок и урбана музика, освојувајќи вкупно 16.589 гласови.

Третиот голем концерт на Градски стадион

Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ поп-ѕвездата Тоше Проески, на 5 октомври 2007 во 19:30 часот, одржа спектакуларен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, поддржан од организацијата УСАИД. Парите од билетите, кои чинеа 200 денари, се искористија за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата, за реновирање околу 100 училишта во Македонија. Тоше истакна дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се реновира.

Таа ноќ Тоше максимално ѝ се даде на македонската публика. Особено запаметено останува неговото барање: “Сликајте ме со ѕвезденото небо”, кога илјадници мобилни телефони и запалки светнаа на неговите романтични рефрени.

По завршувањето на концертот, на Тоше и на неговите колеги им беа доделени статуетки Мајка Тереза, од истоимената фондација, како знак на благодарност за хуманото дело. Тоше ја предаде статуетката на неговата мајка Доминика, која му ја всадила хуманоста од мали нозе. Додека се случуваше сето тоа, небото над Скопје, го осветлуваше величествен огномет во чест на Тоше.

TОШЕ сакаше опера, сакаше стара македонска музика, ја пееше насекаде. Во автомобил, на собиранки со другарите,  дури и под туш.

Tags: , , , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1