Бензинот поскапе еве како да возите економично – совети од Гинисов рекордер!


Прво, не морате да возите без клима уред, без радио или пак, не дај боже со изгаснати светла. Значи треба да бидете економичен зад воланот, а не мизерно смешен.

Соочени со безобразно високи цени на горивото и смешно ниски месечни примања, возачите се во постојана потрага по најефтино возење. Многумина се откажаа од клима уредите радиото и светлата во текот на дневното возење, чуле дека така „многу“ се заштедува. Тоа не мора да биде така, заклучија група новинари учесници во неколку тестови.

Најпрво со VW Passat успеале да минат 2545,8 километри со еден резервоар, тоа би значело потрошувачка од 3.08 л/100 километри, што пак е регистрирано во Гинисовата книга на рекорди. Потоа со две Opel Astri потрошиле 3,1 л/100 километри, додека па со Kia Rio во еден претходен тест потрошиле помалку од 3 литри. Притоа во ниту еден тест не се откажале од климата, радиото или пак светлата, најважен е режимот на возење – заклучок од овие тестови.

Концентрирано возење! Не само од безбедносен аспект ( за тоа нема дискусија ), она што е важно е будно следење и предвидување на состојбата во сообраќајот. Во градски услови мора да сте во тек со работата на семафорите за да можете навремено и постепено да сопрете. При тргнувањето колку и да ви изгледа „фраерски“ брзото стартување силно удира по џебот. И да, не се обидувајте да постигнете брзински рекорд меѓу семафорите, тоа е најлошата варијанта – поради зголемената потрошувачка и страшно високите казни.
На отворено е препорачливо рамномерно возење и менување брзини при помалку вртежи на моторот (се разбира колку што дозволува еластичноста на автомобилот).

Важно е навреме да се подготвите за совладување на нагорнините, таму потрошувачката е „хорор“. И во овој случај најмудро е рамномерното возење, се разбира откако претходно ќе земете „залет“ во рамки на дозволените прописи и услови на патот. При симнувањето по надолнини возете во брзина без притискање на гаста, лер никако!

Наглите движења ја зголемуваат потрошувачката. Важно е да сте „нежен“ без разлика дали тргнувате, забрзувате, сопирате или пак, вртите со воланот.  Благодарен ќе ви биде автомобилот, патниците и секако вашата сопруга на која ќе и остане некој денар повеќе за шопинг.

Шест чекори за помала потрошувачка на гориво.
1 .Ослободете се од непотребниот товар во автомобилот.
2. Отстранете ги носачите од покривот и помошната кутија за багаж, доколку не ви се потребни во моментот.
3. Придржувајте се до фабрички пропишаните стандарди – избегнувајте на пример користење премногу широки пневматици, и разноразни додатоци што го оптоваруваат автомобилот.
4. Често проверувајте го притисокот во пневматиците, и во овој случај консултирајте ги фабричките стандарди.
5. Избегнувајте возење со отворени прозорци, драстично се намалува аеродинамичноста на возилото.
6. Доколку дозволуваат условите, на паркинг или во ситуации кога чекате некого, изгаснете го моторот.

Tags: , , , , ,

Александар Ѓурчески

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1