Во Бугарија ќе го “поплукаат“ бебето, во Монголија го дојат најмалку две години


Кога ќе се роди бебе на сите краеви на светот чувството е исто, владее неопислива среќа. За разлика од чувствата пак, обичаите, исхраната и негата по раѓањето на бебето се различни.

Односот на родителите и околината кон новороденчето се разликува од земја во земја. Некои од причините за тоа се од здравствени, а некои се условени од природната клима, религијата или старинските навики.

Кога би имале бебе во Данска, тоа ретко кога ќе биде во затворена просторија. Во градинка би спиело на посебно направена тераса. Детски колички ќе гледате насекаде, па дури и уредно паркирани пред кафулиња и ресторани. Данските педијатри сметаат дека бебињата кои спијат надвор, стекнуваат подобар имунитет и имаат подобар апетит.

Во Шведска пак, кога родителите се соочуваат со немирно и раздразливо бебе, имаат посебна тактика. Тие го превртуваат бебето на стомак, и полека го тапкаат во пределот на долниот дел од грбот и пелената, создавајќи ритмички вибрации. Се верува дека бебето така ќе се чувствува како во мајчината утроба и полесно ќе се смири и заспие.

Доколку пак сте од Јордан, заборавете на сладолед. Откако ќе се породи жена од Јордан, долго време не смее да јаде сладолед. Тие не пијат ни ладни пијалаци затоа што, според традиционалните верувања, студот кој ќе дојде до коските на новопечената мајка, може кај детето да предизвика разни болести, вклучувајќи ревма и артритис.

Во Монголија бебињата ги дојат многу долго. Мајчиното млеко се смета за најдобра храна да бебето и затоа жените, доколку можат,  дојат најмалку по две години. Доењето во Монголија е дозволено на јавни места, а се верува дека најдобрите монголски борачи се доени дури до нивната петта година.

По породувањето во Доминканската Република, нема да смеете да излезете надвор. Доминиканските бебиња првите неколку месеци не се изнесуваат надвор за да не бидат изложени на сонце, ветер и разни вируси. Доколку има потреба да се изнесе бебето, мајките потполно го покриваат.

Што се однесува пак до старинските верувања и сеуверието, едно такво владее во Бугарија, во повеќе балкански земји, па дури и во Македонија. Доколку го шетате бебето немојте да се изненадите ако пријателите, па дури и непознати минувачи ви го “поплукаат“ бебето против уроци и му речат “да те к…. кокошките“. Бугарите сметаат дека може да го урочите бебето ако премногу го фалите и затоа мора да го “почастите“ и со неколку грди зборови.

Share Button

Tags: , ,

Ивана Терзиевска

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1