Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица гас“ од понеделникот официјално почна со склучување на договори за приклучување на домаќинствата на гасоводната мрежа.
Тоа значи дека сите граѓани кои се заинтересирани за користење на гасот, како најефтин енергенс, веќе можат да склучуваат договори со „Струмица гас“.
Во просек дневно се склучуваа по околу пет договори, од јавното претпријатие коментираат дека се задоволни од интересот на граѓаните. Директорот на ЈПЕД „Струмица гас“, Зоран Китанов, тврди дека досега интерес покажале околу двесте домаќинства во Струмица.
Првите 115 домаќинства кои ќе склучат договор, ќе добијат попуст од 20 % од цената за приклучок, или 140 евра. Оваа стимулативна мерка чини околу еден милион денари, а средствата се обезбедени со позитивниот ребаланс на буџетот на општина Струмица.
Веднаш по објавата на овие информации на локалните медиуми во Струмица, се појави и првиот коментар од граѓанин „Добро почнавме, а ќе каже ли некој колку ќе биде цената на литар гас?“. Општината засега убедува дека се работи за ефтин енергенс, а цената е се` уште непозната.
Китанов додава дека со потпишувањето на барањето за приклучок, всушност почнува и постапката за приклучување на секундарната гасоводна мрежа во која влегуваат проценките на локацијата и потрошувачката, како и собирање на комплетната документација што е потребна за приклучок на домаќинствата.
Фото – ТВ Вис