Санадер осуден на 10 години затвор и да врати 477.000 евра


Поранешниот хрватски премиер и лидер на ХДЗ Иво Санадер денеска е прогласен за виновен за воено профитерство во аферата „Хипо банка“ и за примање поткуп од унгарската нафтена компанија МОЛ, за што е осуден на 10 години затвор, јави Миа.


Со оваа пресуда Санадер стана првиот премиер од територијата на поранешна Југославија кој е осуден за воено профитерство.
Главниот судија Иван Турудиќ изјави во Жупанискиот суд дека Санадер е осуден за воено профитерство на 7,6 години, а за примање поткуп на 3,6 години. Казната му е обединета на 10 години затвор.
Истовремено, според пресудата, тој треба во рок од 15 дена на државата да и ја врати противзаконски стекнатата имотна корист од 3,6 милиони куни (околу 477.000 евра), додека фирмата „Диоки Холдинг“ мора во државниот буџет да уплати пет милиони евра.

– Судот заклучи дека Санадер извршил кривично дело воено профитерство, истакна судијата Турудиќ читајќи ја пресудата и додаде дека Хрватска во времето кога е извршено кривичното дело била во воена состојба, а Санадер тоа го искористил.
– Ништо не очекувам денеска, изјавил Санадер по пристигнувањето во судницата.

Во процесот „Хипо банка“, Хрватското државно обвинителство го обвини Санадер за земање околу 480.000 евра провизии за кредитот кој Хрватска го доби од оваа банка додека тој бил заменик министер за надворешни работи во средината на 90-тите години.

Во обединетата постапка, која траеше речиси една година, на Санадер му се судеше и за наводно примање поткуп од 10 милиони евра од директорот на МОЛ, за кои на унгарската нафтена компанија и се дадоа управувачки права во ИНА, од каде притоа требало да биде издвоено нерентабилното плинско работење. Пресудата за ова дело, исто така, се очекува да биде објавена денеска.
Обвинителството во завршните зборови минатата недела побара максимална казна од 15 години затвор, додека одбраната побара ослободување.

Поранешниот премиер се товари за корупција во уште неколку случаи, а во тек е судењето на судот во Загреб и во случајот „Фими медија“, каде му се суди за повлекување пари и полнење на црниот фонд на ХДЗ со пари од државни институции и претпријатија.

Share Button

Tags: , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1