Вечерва во Битола пристигнува славниот црногорски евровизиски претставник Рамбо Амадеус кој утревечер настапува на големиот музички хенпенинг во рамките на фестивалот „Битола отворен град 2012“.
Хрватската панк-рок атракција „Хладно пиво“, која во Битола ќе пристигне во текот на утрешниот ден (25 август), заедно со Rambo Amadeus & Broken Beat Sextet се носители на музичкиот набој на главниот музички хепенинг, во кo-организација и партнерство на МКЦ-Битола и промотерската куќа Fresh Union, кој традиционално се одржува во рамките на „Битола отворен град“. Покрај нив ќе настапи и домашниот состав „Фолтин“.
“Хладно Пиво” ексклузивно и премиерно настапува во Битола. Концертот на Ракометното игралиште е со почеток во 21 часот.
Фестивалот во изминатите неколку години собира над 5000-на публика која доаѓа на главниот музички хепенинг од земјата и соседните држави, како и неколку кратно повеќе посетители на останатите фестивалски содржини. Таков интерес се очекува и на утрешниот музички хепенинг.
Со својот нагорен тренд во текот на 11-те години постоење, фестивалот уште еднаш го потврдува културниот бренд на Битола и овозможува креативен ангажман на голем број млади луѓе од земјата и странство.
Инаку, дел од фестивалската програма е и модната ревија “Рециклирачка мода” која вечерва (24 август) со почеток во 22.00 ч. ќе биде поставена под ведро небо на Широк Сокак во Битола. Автор на модната ревија е Катарина Рашиќ од Србија. Нејзина потесна специјалност е креирање фустани од рециклирани материјали. Со вакви креации се има претставувано на повеќе групни и самостојни изложби и модни ревии.
По модната ревија, вечерва на Широк сокак ќе биде поставено и уличното шоу на познатиот италијански аниматор, жонглер, акробат, кловн и театарски уметник Адо Сана-Адолиери. Вечерва се одржува и работилницата и изложба за фотографија на Alessandra Spano од Италија во 18.00 ч. во Кафе бар “Porta Jazz”. Насловена “4 faces_ cubi fotografici” работилницата ќе го претстави процесот на раѓање на фотографијата.
Фестивалот Битола Отворен Град 2012 е поддржан од ONE и Градоначалникот на општина Битола во рамките на Битолско културно лето Битфест.