Видео: Приказната на Нета Коен, чиј живот и страдања се инспирација за филмот „Трето полувреме”


Нета Коен, чиј живот и страдања се директна инспирација за Митревски во создавањето на сценариото на „Трето полувреме”, била ќерка на Аврам Коен, угледен Евреин од скопската висока средна класа, но избегала од дома и се омажила со фудбалер-христијанин, што и ја спасило од концентрационите логори

— татко ѝ, разбеснет поради нејзиното „предавство”, се откажал од неа и ја избришал од семејното стебло, така што нејзиното име го немало во ниеден од списоците со еврејски имиња за депортација што в раце ги држеле тогашните бугарски окупатори.

Видеото е снимено од екипа на Шоа-фондацијата на Стивен Спилберг и е едно од речиси 52-те илјади интервјуа со преживеани од Холокаустот што ги има снимено фондацијата од 1994 до 1999 година, заради забележување на сведоштвата на преживеаните. Интегралната верзија на сведочењето на Нета Коен (сегашно име Марија Младеновска) под кодот 47.772 постои во архивите на Шоа-фондацијата, во Лос Анџелес, Калифорнија.

Меѓу основачите на Шоа-фондацијата покрај Спилберг се и Бранко Лустиг, познат продуцент и глумец со еврејско потекло, и Мајкл Беренбаум, човекот што ги осмисли Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје и Американскиот меморијален музеј на холокаустот во Вашингтон и кој лани издаде книга на темата „Евреите во Македонија за време на Втората светска војна”, чии податоци буквално се совпаѓаат со историските факти во најновиот филм на Митревски.

„Кога ги собраа нашите, јас се криев”, се сеќава госпоѓата Коен во интервјуто на Шоа-фондацијата. „Имав добри комшии и никој не ме кажа… Децата што играа надвор ги прашуваа бугарски војници… Бугарите ги земаа. Бугариве беа заедно со Хитлер. Со Немците. И Бугарите дојдоа… Бугари стражареа, Бугари собираа, Бугарите со куќите располагаа, Бугарите сѐ. Бугарски војници прашуваат — ‘Има ли тука Евреи?’, викаат — ‘Нема’, макар што сите ме знаеја. Но никој не ме предаде.”

Видеото на Шоа-фондацијата со потресното сведоштво на госпоѓата Коен го докажува злосторството извршено врз евреите.

Tags: , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1